ЈАВЕН ПОВИК За ангажирање експерт за спроведување, истражување и анализа

Врз основа на предвидените цели и задачи за импелементација на проектот „Транснационална истражувачка студија за образование и кариерни можности на учениците во ВЕТ(стручно образование и обука)-Еразмус+“Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) објавува:

ЈАВЕН ПОВИК

За ангажирање експерт за спроведување, истражување и анализа

 Проектот „Транснационална истражувачка студија за образование и кариерни можности на учениците во ВЕТ(стручно образование и обука)-Еразмус+“има за цел да го измери влијанието на проектите за мобилност од програмата Еразмус+ во областа на стручно образование и обука врз кариерните можности на учесниците во мобилностите. Истражувачката студија ќе вклучи истражување на интеркултурната и социјалната димензија во искуствата од мобилностите, не само во процесите на искуствено учење туку и во учење во други национални и културни контексти. Проектот се спроведува во 10 земји. Податоците собрани од сите земји учеснички ќе бидат собрани и споредени во финален транснационален извештај, кој исто така, ќе понуди и препораки за обебедување квалитет на проектите наменети за Еразмус+ Националните агенции и училиштата- испраќачи.

Истражувањето ќе опфати квалитативни и квантитативни аспекти, врз основа на следната методологија:

  • Он-лајн истражување наменето за сите поранешни учесници во мобилностите во ВЕТ проектите во сите рунди на селекција во периодот 2007-2016 година;
  • Индивидуални интервјуа со поранешни учесници;
  • Фокус групи со ученици од ВЕТ училишта кои земале учество во мобилностите во странство. 

 

Улогата на експертот

  1. Подготвува методологија за спроведување на целокупниот процес на истражувањето, детално по фази;
  2. Изработува анкетен прашалник за он-лајн истражување;
  3. Спроведува интервјуа со поранешни учесници во Еразмус+ ВЕТ мобилностите;
  4. Одржува фокус групи селектирани поранешни учесници во Еразмус+ ВЕТ мобилностите;
  5. Собира и врши анализа на добиените податоци од разните фази на истражување;
  6. Подготвува студија во однапред дефиниран формат;
  7. Соработува со НАЕОПМ, ги следи упатствата и ги запазува роковите за завршување на сите фази поединечно и за целокупното истражување.

 

Идеалниот кандидат/ка:

  1. Има најмалку 5 години искуство во истражувачка дејност од областа на развој на човечки капитал која е во согласност со целите и приоритетите на ВЕТ;
  2. Има познавање на националните и европските политики и приоритети во областа на ВЕТ;
  3. Има познавање за Европската рамка за квалификации;
  4. Има познавање за Национална рамка за квалификации;
  5. Задолжително има завршено најмалку високо образование, пожелно е да има докторат или магистратура од областа за развој на човечки капитал;
  6. Активно го познава англискиот јазик, со акцент на стручна терминологија од областа на стручното образование и обука;
  7. Одлично познавање на Програмта Еразмус+;
  8. Да има евидентнни аналитички вештини.

 

Постапка за селекција

Јавниот Повик се објавува на веб страната на НАЕОПМ.

Аплицирањето се врши по електронски пат на следната електронска адреса: info@na.org.mk, најдоцна до: 17.08.2018.

Селекцијата ја спроведува Комисија составена од непарен број членови назначени од Директорката на НАЕОПМ.

Селекцијата се врши во две фази:

  1. Техничка проверка за легитимност,
  2. Квалитативна проценка на секоја поднесена пријава и придружните документи.

 

Критериуми за избор по фази:

  1. Проверка за легитимитет. Оваа фаза вклучува проверка на комплетноста на поднесената документација.  Се проверува достапност на сите потребни документи и усогласеност со барањата во Повикот, запазување на рокот за поднесување на документите и достапност на експертот. Апликациите кои ќе ја поминат оваа фаза, преминуваат во наредната фаза. 
  2. Квалитативна проценка. Се врши квалитативна проценка на поднесената документација според следниве критериуми:

 

Критериуми за оценување

Максимум поени

Образование

5

Професионално искуство во истражување

10

Познавање на англиски јазик

5

Познавање на националните и европските политики и приоритети во областа на ВЕТ

10

Вкупно

30

Секој критериум се оценува на скала од 1 до 5 поени, при што 5 е највискока оценка, а 1 е најниска оценка. Конечната оцена е формирана како збир од точките дадени за секој критериум.

Комисијата подготвува ранг листа со сите пристигнати кандидати и бројот на поени кои го освоиле со препорака за склучување договор со кандидатот кој освоил најголем број бодови. Ранг листата се доставува до Директорката на НАЕОПМ за донесување на конечна одлука.

 

Објавување резултати

Резултатите ќе бидат објавени во рок од 10 работни дена по одобрувањето од страна на Директорката на НАЕОПМ. Кандидатите ќе бидат писмено известени поединечно, додека избраниот кандидат ќе биде дополнително објавен на  веб-страницата на НАЕОПМ- na.org.mk.

Договорни услови

По направениот избор, НАЕОПМ ќе склучи договор со избраниот експерт во кој ќе бидат дефинирани задачите и обврските, роковите за нивна реализација, како и финансиската поддршка во зависност од обемот на ангажманот.

Период на активности

Експертите ќе бидат ангажирани во периодот една година 2018/19 година.

Како се аплицира за експерт?

Сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат предходно наведените критериуми треба да ги достават следните документи:

  • Кратко и концизно мотивациско писмо,
  • Кратка биографија со детален опис на реализираните активности во областа на истражувачка дејност во областа на образование, обука, млади, бизнис и невладин сектор која е во согласност со целите и приоритетите на ВЕТ,
  • Потврда за познавање англиски јазик,
  • Други документи кои се релевантни, а се поврзани со активноста на експертот.

Рок за аплицирање

Заинтересираните можат да ги поднесат горенаведените документи на електронската адреса: info@na.org.mk, најдоцна до: 17.08.2018.

Предмет: Повик за експерти за транснационално истражување

Назад