Јавен повик за надворешни експерти за оценување на предлог-проекти и/или периодични и конечни извештаи од проекти во рамките на програмата ЕРАЗМУС+ (2014-2020)

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) е јавна институција формирана со закон и има надлежност за оперативно спроведување на децентрализираните акции од Еразмус+ програмата во Република Македонија.

Еразмус+ 2014-2020 е европска програма за поддршка на образованието, обуките, младите и спортот во Европа. Со буџет од 14,7 милијарди евра дава можности за над 4 милиони жители на Европа да студираат, да се обучуваат, да стекнуваат искуства и да волонтираат во странство. Еразмус+ се темели исклучиво на претпоставката дека вложувањето во образованието и во обуката се клучни за развивање на потенцијалите независно од возраста или искуството. Еразмус+ има за цел подигнување на квалитетот и важноста на квалификациите и вештините и им нуди можности на широк спектар на организации и поединци.

Повеќе информации за Еразмус+ програмата и за НАЕОПМ можете да прочитате на следниот линк:

https://ec.europa.eu/programmes/erasmus-plus/sites/erasmusplus2/files/erasmus-plus-programme-guide2_en.pdf

НАЕОПМ го објавува овој Јавен повик со цел создавање на база на независни надворешни експерти за оценување на предлог-проекти и/или периодични иконечни извештаи од одобрени проекти од програмата Еразмус+, и тоа за:

       Клучна акција 1: Мобилност за учење на поединци;

       Клучна акција 2: Соработка за иновации и размена на добри практики;

       Клучна акција 3: Поддршка за реформи на политики.

Надворешните експерти можат да се пријават за наведените полиња во согласност со нивните квалификации и области на дејствување и тоа:

       Предучилишно, основно и средно образование;

       Стручно образование и обука;

       Високо образование;

       Образование на возрасни;

       Mлади и спорт;

       Волонтерски активности.

 

Услови за избор на надворешни експерти:

       Високо образование;

       Најмалку 5 години искуство во спроведување на ЕУ проекти или на други меѓународни организации;

    Познавање на европските и националните политики и стратегии во областа на образованието, обуката, младите и спортот; 

       Одлично познавање на англиски јазик;

       Способност за работа со ИКТ алатки;

       Способност за придржување на рокови при работата.

Улога на надворешните експерти

Улогата на надворешните експерти е многу значајна за да се овозможи правилна, непристрастна, конзистентна и точна оценка на оценување на предлог-проекти и/или периодични иконечни извештаи согласно со целите на акцијата и приоритетите на политиките за образование, обуки,млади и спорт.

Надворешните експерти треба:

       да умеат да оценуваат предлог-проекти и конечни извештаи согласно целите и приоритетите од Еразмус+ програмата;

       детално да ги познаваат правилата и процедурите поврзани со акциите во Еразмус+ програмата објавени на веб-страницата на НАЕОПМ;

       да бидат отворени за иновативни идеи кои би дале додадена вредност на предлог-проектите;

       да имаат аналитички вештини;

       да знаат да пишуваат извештаи за потребите на Еразмус+ програмата;

       да ги почитуваат зададените рокови.

 

Начин на избор и ангажман на надворешните експерти

Пријавата за експерти е составена од:

Пријава за аплицирање. Пријавите мора да бидат потпишани и скенирани;

Биографија во Europass формат на англиски јазик. Пожелно е да се достават и препораки, иако истите не се задолжителни; https://europass.cedefop.europa.eu/documents/curriculum-vitae

Писмо за мотивација.

Појаснување:

Сите документи се доставуваат на англиски јазик. Упатство со пример и појаснување на европската референтна рамка за јазици може да најдете на линкот https://europass.cedefop.europa.eu/sites/default/files/elpexamples_26.pdf кој што е активен. Главниот линк за пристап до Europass јазичниот пасош е https://europass.cedefop.europa.eu/documents/european-skills-passport/language-passport. Во случај на моментална недостапност на некои линкови на порталот на Europass, Ве молиме да пристапите  до функционалностите поврзани со европската референтна рамка за јазици и Europass биографија преку главното мени на порталот Europass.

 

Пријавите задолжително се доставуваат електронски на следната адреса eksperti2018erasmus@na.org.mk со Предмет: Повик за експерти 2018 година, најдоцна до 10 септември 2018 година.

Апликантите ќе добијат соодветна потврда за прием на нивната пријава по електронска пошта.

Пристигнатите пријави за надворешни експерти ќе поминат низ проверка на условите од јавниот повик врз основа на поднесените документи. Селекцијата на пристигнатите пријави ќе се извршува во следните фази:

       Техничка проверка. Оваа фаза вклучува проверка на комплетноста на поднесената документација.  Се проверува достапност на сите потребни документи согласно барањата во повикот и утврдениот рок за поднесување на документите. Пријавите кои ќе ја поминат оваа фаза, преминуваат во наредната фаза. Селекцијата ја спроведува техничка комисија составена од непарен број на членови именувани од директорката на НАЕОПМ.

       Квалитативна проценка.  Се прави квалитативна проценка на поднесената документација, вклучувајќи го и писмото за мотивација согласно условите наведени во овој повик. Квалитативната проценка ќе ја спроведува независна комисија составена од непарен број на членови од странски организации кои имаат искуство во Република Македонија преку работа на проекти.

Листа од предлог-кандидати ќе биде доставена до НАЕОПМ. Избраните експерти задолжително мора да ги поминат обуките за експерти организирани од страна на НАЕОПМ за која ќе бидат навремено известени.

НАЕОПМ ќе склучи поединечен рамковен договор со секој избран експерт за програмскиот период 2014-2020. Во рамковниот договор ќе бидат дефинирани задачите и обврските, роковите за нивна реализација, како и финансиската поддршка во зависност од обемот на нивната работа.

 

Надоместок за работата

Износот на надоместокот изнесува:

1. За Клучна акција 1 и 3 - 40 евра

2. За Клучна акција 2 - 60 евра

3. За периодични/конечни извештаи - 60 евра

НАЕОПМ во согласност со реалните потреби, бројот на пристигнати пријави и достапноста на надворешните експерти ќе ангажира одреден број на експерти во текот на имплементацијата на програмата Еразмус+. НАЕОПМ го задржува правото да ги контактира надворешните експерти од базата и во текот на наредните години во времетраењето на програмата Еразмус+. Експертите подлежат на редовно оценување на квалитетот на нивната работа. Исплатата ќе се реализира откако ќе се констатира квалитетно извршен ангажман.

Апликантите ќе бидат навремено информирани за резултатите од процесот на селекција. Одбиените апликанти имаат право на жалба во рок од 8 дена по приемот на известувањето од НАЕОПМ.

 

Назад