Национални приоритети

До

Министерство за образование и наука на Република Северна Македонија

н/р Министер Арбр Адеми

Дата – 26.02.2020 година

 

Предмет: Национални приоритети за Еразмус+ 2020

 

 

Почитуван министре Адеми,

 

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Национална агенција) ги предлага следниве национални приоритети за програмата Еразмус+ за 2020 година:

1)      Зелена агенда – Овој приоритет е вграден во програмскиот прирачник Еразмус+ 2020 и се однесува на сите клучни акции, па дури и на трошењето на оперативните средства. Со оглед на тоа дека Владата на Република Северна Македонија го задолжи Министерството за образование и наука да направи анализа и да предложи мерки за воспоставување на таканаречените „зелени работни места“ како и „позеленување“ на мерките во рамките на својот делокруг на работа, Националната агенција предлага Зелената агенда да се прогласи за еден од националните приоритети на програмата Еразмус+ во 2020 година.

2)      Повеќе училишта во Еразмус+ - Овој приоритет се надоврзува на минатогодишните активности на градење капацитети на училиштата (градинки, основни и средни училишта). Целта е да се зголеми бројот на потенцијалните училишта-корисници на грантови од Еразмус+ програмата во пресрет на новата двојно поголема програма. Со оглед на тоа дека многу нови закони беа донесени во текот на 2019 година од страна на Собранието на Република Северна Македонија, овој приоритет ќе поттикне и спроведување во практика на истите тие закони.

3)      Зголемување на вработливоста – Овој приоритет кореспондира со приоритетите на Еразмус+ програмата 2020 како и со приоритетите на Владата на Република Северна Македонија. Имено, во 2019 година се донесоа многу закони кои сега се во фаза на имплементација (Законот за младинско учество и Законот за младински стандард којшто е во постапка) како и проекти кои ќе имаат влијание врз вработувањето на младите (гранцијата за млади, субвенции за млади, обуки за млади итн.). Националната агенција заедно со 11 други национални агенции е дел од стратегиското партнерство Youth@Work (Млади на работа) и веќе двајца македонски претставници се добро испрофилирани како обучувачи за младински политики и вештини.

4)      Поголема соработка со Република Грција – Овој приоритет е во насока на зајакнување на врските меѓу нашата држава и Република Грција како дел од спроведување на мерките за градење доверба меѓу двете држави, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор. Веќе се воспоставени канцеларии за соработка меѓу младите од двете страни и ова би било дополнителен напор за проширување на таа соработка и кај училиштата, универзитетите, граѓанските организации, претпријатијата итн.

5)      Инклузија – Овој приоритет произлегува, исто така, од бројните законски решенија што Владата на Република Македонија ги донесе во изминатиов период кои значително ја подобруваат климата за вклучување на лицата со попреченост и оние со помалку можности во главните општествени текови. Претставник на Националната агенција е избран во работната група за инклузија на Европската комисија која работи на следната Еразмус+ програмата 2021-2027 така што овој приоритет добива двојна поголемо значење и за државата и за ЕУ.

Националната агенција согласно мандатот даден од страна на Европска комисија, Генерален директорат за образование, млади, спорт и култура утвреден во Договорите на Делегацијата за имплементација на програмата ЕРАЗМУС+ ќе се придржува до приоритетните теми утрвдени во „Програмскиот прирачник за Еразмус+ 2020“, коишто сосема кореспондираат со погоре наведените национални приоритети, но ќе ги има предвид националните приоритети при спроведувањето на своите работни активности вклучувајќи го и при доделувањето на грантовите.

Ве потсетуваме дека рокот за аплицирање на стратегиските партнерства (клучна акција 2) е 24 март, а претходно Националната агенција мора да ги објави националните приоритети на својата веб-страница. Ќе бидеме многу благодарни доколку ги прифатите нашите предлози што е можно поскоро за соодветно да се поставиме спрема нашите корисници.

 

 

 

 

Со почит,

 

Лидија Димова

Директорка

 

 

Одговорот од Министерство за образование и наука може да го погледнете на следниов ЛИНК

Назад