fb_img
Големина на фонт
Контраст

Новости

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Македонија и Италија за користење на ЕУ фондови

11.6.2025 15:58:23

Во рамките на официјалната посета на Република Италија од делегација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, предводена од директорот д-р Петар Богојески, во Рим беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу македонската и италијанската Национална агенција, предводена од директорката д-р Федерика Целестини Кампанари.

Овој стратешки документ претставува темел за унапредување на билатералната соработка во областите на образованието, науката, младите, спортот и културата, со што се отвораат нови перспективи за директна поддршка на македонските универзитети, училишта, младински организации и компании преку европски фондови од Брисел, чии финансиски капацитети се значително повисоки од оние кои се достапни преку националните програми.

Потпишувањето на ваков документ со една од основачките и водечки земји-членки на Европската Унија, Италија, претставува чин од особена важност за Република Македонија. Истовремено, тоа е јасен сигнал за проширување на европската солидарност и зацврстување на меѓусебната доверба и партнерство на полето на образовниот и научниот развој.

Со овој договор, корисниците од Република Македонија ќе добијат непосреден пристап до институционални мрежи, програми и партнери од Италија, со можност за заедничка реализација на проекти и иницијативи од европски ранг.

Ова партнерство претставува уште еден чекор напред во заложбите на Националната агенција за создавање нови можности за македонските граѓани, во духот на европските вредности, меѓународната соработка и одржливиот развој.

Националната агенција изразува длабока благодарност до италијанските домаќини за топлиот прием и за визионерскиот пристап кон заедничката европска иднина на нашите млади генерации.

Рим, Италија – 10 јуни 2025 година
Национална агенција за европски образовни програми и мобилност
Република Македонија







Поврзете се

    czxczcx